Лирим Дулови: Oваа власт 24/7 води војна против сè што е албанско

Лирим Дулови- Секојдневно се гледа како оваа власт 24/7 води војна против сè што е албанско — од јазикот, застапеноста, симболите, до самото постоење на Албанецот како рамноправен граѓанин на оваа држава. А народот? Ги смета за „големи македонски патриоти“.

Но, дали е тоа така или вистината е нешто сосема друго?

Анализата направете ја вака. Погледнете околу себе — во која амбуланта одиме на лекарски преглед? Во која болница нè оперираат? Во кои училишта учат нашите деца? По кои улици се движиме пешки или со автомобил?

Од каде доаѓа водата и струјата во нашите домови? Колку од сето ова е изградено последните 35 години?

Ќе се согласите дека над 90% од целата оваа инфраструктура која ја користиме секој ден е изградена во времето на Тито? Тој, објективно, го заслужува не само најголемиот споменик во центарот на Скопје, туку и да виси — како некогаш — неговата слика во сите училишта и државни институции.

За 35 години самостојност, македонската политичка елита ја доведе државата до точка кога сè повеќе граѓани се прашуваат: зошто ни беше потребна независноста? Дали ја оправдавме? И дали реално знаеме да водиме држава, или, пак, дефинитивно треба да признаеме дека не нè бива за тоа?

Во споредба со другите држави од поранешна Југославија — единствено Македонија е заглавена во место. Сите други напредуваат во секој поглед. Тоа може да го потврди секој кој патува барем еднаш годишно и во Косово, Албанија, Бугарија.

Ги земав како пример овие три држави затоа што барем за нив бевме убедени дека беа зад нас во секој поглед пред 30 години.

Денес може да се каже обратното. А тука, надежта за промена станува сè помала, бидејќи понудата е сè уште иста.

Т.н. македонски патриоти сè уште се обидуваат да доминираат над Албанците, додека Албанците инсистираат на целосна рамноправност — и на ништо помалку.

Но, прашањето е: до кога вака?

Дали некој помислил на можноста кај Албанците да се појави нова политичка опција која нема уште 35 години време за залудно трошење — како што имаше нашата генерација?

А бројот на Албанците кои се чувствуваат најзаостанати во споредба со Албанците во Косово и Албанија расте од ден на ден. А виновни за тоа ги сметаат токму ваквите ретроградни македонски политики, кои држејќи ги во еден затворен круг, им ја исцрпува цела енергија со исти и исти пречки.

„Албанците во Македонија се заложници на Македонците“ — е сè почеста констатација меѓу овдешните Албанци, особено младите, кои гледаат што се случува.

А ракавицата за боснизација на Македонија е фрлена веќе 35 години. Сега, уште поинтензивно, тоа го бара токму оваа власт со секојдневните провокации против Албанците.

Едно е сигурно: ако Албанците ја прифатат, тоа нема да биде проблем само за нив — како што уверуваат ваквите „патриоти“ — туку тоа ќе биде погубно сценарио за сите.

Таквото „второ полувреме“ може реално да биде и крајот на постоењето на оваа држава.

Не знам… можно е тоа да биде и крајната цел на овие „македонски патриоти“, кои воопшто не се загрижени што токму поради нивните политики, над 200.000 Македонци беа доведени до дереџе да се изјаснат како Бугари — како единствен начин за преживување.

А кога тоа сценарио ќе се оствари, токму тие „патриоти“ ќе бидат првите што ќе побараат засолниште на некое друго сигурно место за нив и нивните деца.

Ќе страдаат по правило , тие што слепо ги поддржувале, верувајќи дека борбата против Албанците претставува македонски патриотизам.

Но не е така. Никогаш и не било.

Поголем македонски патриот, реално, е другарот Тито, кој владеел од 1945 до 1980 година — точно 35 години, колку што владеат „патриотите“ на самостојна Македонија.

Но споредете ги резултатите и запрашајте се: зошто не испорачаа ни 10% од тоа што направил Тито за оваа држава? Тие сигурно ќе се правдаат и ќе кажат: „поради Албанците“.

Но се надевам вие сте доволно паметни да пресудите сами колку е тоа точно.

(Aвторот, е основач на весникот „Коха“, Скопje. Текстот е пеземено од неговиот статус на Фејсбук.)

https://www.facebook.com/photo?fbid=10233429249066716&set=a.2635883429893